Германската канцеларка Ангела Меркел изрази денеска лутина поради упадот на приврзаниците на американскиот претседател Доналд Трамп во зградата на Конгресот, а за тоа ја обвини постапката на Трамп што не го призна поразот од демократот Џо Бајден на претседателските избори.
„Сите вчера видовме вознемирувачки снимки од упадот во американскиот Конгрес и тие призори ме разлутија и растажија. Жалам што од ноември минатата година претседателот Трамп не го призна поразот, како ни вчера“, рече Меркел на состанокот на германските конзервативци.
Меркел ги нарече повеќето стотици приврзаници на Трамп, кој упаднаа во Капитол хол, „напаѓачи и престапници“ и изјави дека е сигурна дека Бајден ќе биде инаугуриран за претседател на САД за две недели, пренесе Ројтерс.
Четири лица настрадаа, а 52 се уапсени, откако повеќе стотици приврзаници на Доналд Трамп насилно упаднаа во зградата на Капитол за да го спречат Конгресот да ја потврди победата на Џо Бајден на претседателските избори, изјави шефот на полицијата во Вашингтон.







