Ако е точно дека досегашната шефица на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, навистина е главната и практично единствената сериозна кандидатка на Европската народна партија (ЕПП) за нов мандат на чело на најважната европска институција, тогаш и ЕПП и Лејен се соочуваат со пресуден правосудски предизвик.
Имено, поради аферата „Фајзергејт“, францускиот лобист Фредерик Балдан поднесе кривична пријава против Лејен пред истражниот суд во Лиеж, со цел да се истражи договорот со кој Европската унија набави вакцини вредни милијарди евра, откако шефицата на Европската комисија за тоа се договорила преку СМС пораки.
Истражната судијка го одржа рочиштето откако после првичното одложување за октомври констатирала дека ситуацијата е ургентна.
Адвокатите на ЕПП не се појавија во судницата. Итната одлука на истражната судијка би можела да има значително влијание врз конечната одлука за избор на нов шеф на ЕК, кој би требало да биде договорен на состанокот на лидерите на ЕУ, на 27-28 јуни. Судијката истакна дека се надева дека ќе донесе одлука пред 27-ми, но одби подетално да го коментира случајот.
За крајно необичната „јавна набавка“ од огромна вредност прв објави „Њујорк тајмс“.
Балдан ја пријави Лајен за злоупотреба на овластувањата, уништување јавни документи, незаконско застапување на трети интереси, како и за корупција.
На неговата пријава се приклучија уште 500 странки (вклучувајќи и политички партии), како и две држави членки на ЕУ; Унгарија и Полска.
Значајно е што по поднесувањето на пријавата на Балдан му е одземено правото на лобирање во Брисел, а тој бара статус на „свиркач“.
Лобистите на „Фајзер“ и другите фармацевтски компании и покрај правосудсните дилеми околу набавката на вакцините за европската бирократија не се проблематични.
Во овој момент нејасно е што се обидува да постигне ЕПП со тоа што нивните адвокати не се појавија на итното рочиште во Брисел.
Ако сакале да го одложат рочиштето, не е сигурно што постигнале, затоа што судијката сепак ги сослуша адвокатите на тужителот, а уште порано донесе одлука дека предметот е итен и важен.
ЕПП формално не го извести судот дека нивните адвокати нема да се појават на суд, што тужителот го коментираше како „омерта“ што го обвива целиот случај. А, „омерта“ инаку е код на сицилијанската мафија, кој ја нагласува важноста на тишината во случај властите да поставуваат прашања.
Балдан по судски пат бара на ЕПП да и се наложи да ја повлече кандидатурата на Лајен и да ги казни по 50.000 евра секој ден доколку не го сторат тоа.
Во спротивно, тврди тужителот, Лајен би можела да изврши притисок врз обвинителите и да влијае на Канцеларијата на европскиот обвинител (ЕППО), кој би покренал истрага за набавката на вакцините за „Ковид-19“.
Откако на 17 мај во првостепениот суд во Лиеж беше одржано првото рочиште, продолжението беше одложено за октомври, со цел странките што подобро да се подготват.
Адвокатот на Балдан на 28 мај испрати формално известување до Советот на Европа, претставникот на ЕК за вредности и транспарентност, Вера Јоурова, како и до лидерот на ЕПП, Манфред Вебер, во кое тој побара од нив да ја принудат Лајен да поднесе оставка. Како правна основа го наведе кршењето на кодексот на однесување соодветен за првиот човек на Комисијата, кршењето на повеќе меѓународни договори на Унијата, како и одредбите за фундаменталните права во ЕУ. Тој тврди дека постои основано сомневање дека Лајен би можела да се одмаздува ако биде повторно избрана.
„Случајот се фокусира на обвиненијата дека Фон дер Лајен, во екот на пандемијата, разменила пораки со шефот на ‘Фајзер’, Алберт Баурл, за да помогне во организирањето на масовно купување вакцини за ЕУ. Народниот правобранител на ЕУ во јануари 2022 година објави дека Комисијата е виновна за ‘лошата администрација’ затоа што не идентификувала ниедна таква текстуална порака, не ги објавила – и тврдела дека, ако постојат, не би требало да потпаѓаат под нејзините правила за јавна транспарентност за документите“, објаснува Барон.
Треба да потсетиме дека Урсула фон дер Лајен беше меѓу политичарите кои јавно ги третираа мРНА вакцините како непроценливо вреден стратешки излез од глобалната пандемија, иако со текот на времето се покажа дека нивната ефикасност драстично опадна поради мутацијата на САРС-КоВ-2 вирусот.
Неспорно е дека брзата и навремена вакцинација во еден период одигра клучна улога во забавувањето на ширењето на епидемијата, но исто така е јасно и дека ЕУ набави премногу вакцини.
Точната улога на Лајен е нејасна, а таа одбива да ги објави своите СМС пораки, бранејќи се дека се безначајни. Ова изгледа необично образложение, особено затоа што безначајноста на пораките може да биде најдобра можна нејзина одбрана.
Лајен во март 2021 година имаше политичка ПР посета на фабриката на „Фајзер“ во Белгија, кога гордо ја најави вакцинацијата на европското население за летото истата година.
Лајен до денешен ден избегнува да разговара за своите СМС пораки во врска со снабдувањето со вакцини со првиот човек на „Фајзер“.
И американскиот „Њујорк Тајмс“ ја пријави Лајен до Европскиот суд на правдата затоа што одбива да ги објави СМС пораките. Оваа пресуда се уште се чека, но сигурно нема да стигне пред изборот на новиот прв човек на Европската комисија.
Од Канцеларијата на Европското обвинителство почетокот на истрагата го најавија уште во октомври 2022 година. Од ЕППО засега не сакаат да коментираат во која фаза е истрагата и какви се нејзините резултати, но нагласуваат дека „не сакаат да го загрозат исходот од операцијата“.
(Фото: Џон Тус/АФП)







