Вчера од брод во близина на Канарските острови се спасени 86 мигранти од африканските земји јужно од Сахара, објавија шпанските спасувачи.
Авионот кој го испратија спасувачите првично процени дека на малиот брод имало „околу двесте“ луѓе и дека најверојатно се работи за пловило по кое се трага на тоа подрачје откако пред речиси две недели испловил од Сенегал.
„Сè уште не можеме да бидеме целосно сигурни, но можеби е тоа истиот брод“, објави Салваменто Маритимо, од шпанската поморска спасувачка служба, која на крајот призна дека направила грешка во проценката.
Меѓу спасените мигранти 80 се мажи и шест се жени.

Брод за спасување на море ги донесе на островот Гран Канарија, каде што ги презедоа работници на Црвениот крст и им беше укажана медицинска помош, објави фотограф на АФП.
Невладината организација „Каминандо Фронтерас“ објави дека брод со околу 200 мигранти испловил на 27 јуни од Кафунтин, на југот на Сенегал, на околу 1.700 километри од Канарските острови.
„Семејствата не известија за исчезнувањето на чамецот, за кој веќе неколку дена немаат вести, а ние за тоа ги известивме шпанската и мароканската спасувачка служба“, вели во аудио снимка основачот на невладината, Хелена Малено.
„Каминандо Фронтерас“ наведува дека уште два мали брода со вкупно 120 луѓе, кои на 23 јуни го напуштиле Сенегал, се водат за исчезнати.
Од Сенегал, особено од неговиот југ, кон Европа тргнуваат голем број илегални мигранти, а добар дел од нив на Стариот континент доаѓаат преку Шпанија.

Најновите податоци на шпанското Министерство за внатрешни работи покажуваат дека во првата половина од годината илегално во Шпанија пристигнале 12.704 мигранти, од кои повеќето (7.213) на Канарските острови, што е за 11,35 отсто помалку во однос на истиот период во 2022 година.
Мигрантската рута кон Канарските острови е сè попопуларна поради заострувањето на контролите на Средоземното Море.
Потонувањата на бродовите се чести затоа што патувањето е исклучително опасно.
Меѓународната организација за миграции (ИОМ) наведува дека од почетокот на годината на пат кон Канарските острови загинале и исчезнале 126 мигранти.
„Каминандо Фронтерас“, од друга страна, пак, јавува за бројка од 778 загинати и исчезнати.
(Фото: АФП)







