Во заедничка акција на српските служби за безбедност БИА, ВБА, Управата за криминалистичка полиција и Вишото јавно обвинителство во Белград и Краљево во белградски хотел уапсени се Боривоје Глишовиќ, пензиониран инженер во „Први партизан“ од Ужице и Шефќет Демировски, сопственик на македонската фирма АТС Груп од Скопје.
Тие се уапсени на деловен состанок, на којшто, според пишувањето на српските медиуми, се договоарале за примопредавање на доверливи документи за изработка на машина за производство на муниција со калибар од 12,7 милиметри.
Глишовиќ од Демировски на претходен состанок, наводно, како аванс добил околу 30.000 евра, додека остатокот од парите, најверојатно во ист износ, пензионираниот инженер би ги добил по испорачаната комплетна документација, укажуваат оперативните сознанија и материјалните докази.
Демировски, информираат медиумите во Србија, документацијата имал намера да ја искористи во погоните на некогашната фабрика за оружје и муниција Сувенир во Македонски Брод, како и во фабрика во Катар, каде има сопственички удел.
Освен Глишовиќ и Демировски, во Ужице и Пожега уапсени се и Небојша Ивановиќ и Милован Миловиќ, активни инженери во „Први партизан“, поради основано сомнение дека на Глишовиќ за пари му доставувале документација од фабриката за оружје и муниција.
Акцијата е реализирана после оперативни сознанија на Безбедносно-информативната агенција дека одделни работници и поранешен инженер во фабриката „Први партизан“ за пари добиени од конкурентни фирми од Македонија, Катар и Босна и Херцеговина, крадат и изнесуваат техничка документација.
При претрес на објекти на осомничени во Белград, Ужице и Пожега пронајдена е поголема количина пари и доверливи документи неопходни за производство на муниција.







