Унгарскиот филм „On body and soul“ („За тело и душа“) на режисерката Илдико Енједи, е добитник на овогодинешната „Златна мечка“, соопштено е вечерва на завршетокот на 67 Меѓународен филмски фестивал „Берлинале“.
Се работи за поетска љубовна приказна, за маж и жена кои се сакаат но не успеваат да комуницираат, освен во сонот кој го делат.
Сребрена мечка и големата награда на жирито е доделена на фолмот „Фелисите“, на режисерот Ален Гоми.
Финецот Аки Каурисмаки награден е со Сребрена мечка за најдобар режисер, за драмата за бегалците „The Other Side of Hope“ („Другата страна на надежта“).
За најдобра женска улога наградена е јужнокорејската глумица Ким Мин-хи, а за најдобра машка улога Австриецот Георг Фридрих.
Ким Мин-хи е наградена за улогата во фулмот на својот сонародник Хенг Санг-суа „On the Beach at Night Alone“, а Георг Фридрих за улогата во „Bright nights“ каде што ја толкува улогата на татко којшто се обидува да воспостави контакт со синот тинејџер во текот на нивното патување за Норвешка.
Филмот на Каурисмаки говори за средба меѓу сириски мигрант кој и против својата волја стигнал во финското сивило и локалниот сопственик на ресторан раздвоен од сопругата, алкохоличар кому му притекнува на помош.







