Градоначалничката на Берлин, Франциска Гифеј, други политичари, ранети во нападот, како и роднини на жртвите, учествуваа на комеморацијата што вчеравечер се одржа во црквата Кајзер Вилхелм, западно од центарот на градот.
Протестантскиот бискуп Кристијан Стеблајн порача дека страдањата на жртвите никогаш нема да бидат заборавени.
„Нема да заборавиме случајот, како и заедништвото што тогаш завладеа – за ранетите, за убиените, за оние кои оттогаш мораа да живеат со загубата.
Берлин не заборава“, рече тој.
Дека жртвите нема да бидат заборавени изјави и германскиот канцелар, Олаф Шолц.
„Нашите мисли денес се со нив и нивните ужалени семејства“, напиша тој на Твитер.
После мисата, луѓето се собраа во меморијалниот центар во близина на црквата каде што се случи нападот и каде што се испишани имињата на 13-те загинати на скалите.
Нивните имиња ги прочита претставничката на црквата, Улрике Траутвајн.
Комеморацијата заврши со 13 удари на црковното ѕвоно во моментот на нападот, во 20:02 часот.
Пред шест години, на 19 декември 2016 година, исламистички терорист влета со грабнат камион на Божиќниот пазар на плоштадот Бајдсајдплац, пред црквата Кајзер Вилхелм.
Загинаа 13 луѓе, од кои едно лице неколку години подоцна им подлегна на последиците од нападот.
Повредени беа околу 70 луѓе, некои потешко.
Напаѓачот побегнал во Италија, каде што беше убиен од полицијата.
„Нападот е потсетник дека мораме да ја продолжиме борбата против исламистичкиот екстремизам и тероризам.
Затоа што заканата се уште постои“, соопшти германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер.
(Фото: Профимедиа)







