Федерален судија од Хаваи ја блокираше новата извршна уредба на американскиот претседател Доналд Трамп за забрана на влез во САД, неколку часови пред таа да стапи на сила, пренесе Би-Би-Си.
Окружниот судија Дерик Вотсон ги доведе во прашање доказите на Трамп и образложението дека забраната се воведува поради национална безбедност. Тој истакна дека новата извршна уредба не ги исполнува правните основи и издаде времена забрана која важи за целата територија на САД.
На собирот одржан во Тенеси, Трамп изјави дека пресудата е без преседан и дека поради неа САД изгледаат слабо.
Трамп додаде дека ќе оди до каде што е потребно, вклучувајќи и на Врховен суд на кој, како што наведе, ќе победи.
Новата извршна уредба за забрана на влез во САД требаше денес да стапи на сила.
Таа забранува влез во Америка на државјани на Иран, Либија, Сомалија, Судан, Сирија и Јемен на 90 денови, а на бегалци на 120 денови.
Ова е втора уредба на Трамп донесена откако бројни судови ширум САД ја блокираа неговата прва уредба.
Во втората уредба на листата го нема Ирак и одредбата која им даваше привилегии на одредени верски малцинства.