Кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ и Коалицијата, Саша Богдановиќ вечерва им ја претстави својата програма на жителите на населбата Пролет.
На средбата тој истакна дека во неа има голем број локални проекти, кои се однесуваат само на одредени маала, одредени улици или реони, но има и проекти кои се од интерес на сите граѓани кои живеат во општината.
„Ќе ја отвориме општината за граѓаните. Сите вие активно ќе учествувате во креирањето на политиките, сите заедно ќе одлучуваме кои се приоритетните проекти. Целта е јасна, Центар да стане модерна, зелена, чиста општина со која ќе се гордее секој центарец. Нашата програма е одраз на вистинските потреби на граѓаните, во неа има проблеми, но и решенија за тие проблеми“, рече Богдановиќ пред присутните граѓани.
Богдановиќ порача дека ќе се заложи за побогат културен и спортски живот во Центар и стимулирање на најмладите да ги покажат своите таленти и можности.
Дел од проектите што ги спомена во оваа насока се отворање ново кино од отворен тип во Центар и изградба на новата спортска сала „Работнички“, која освен сала за кошаркарскиот клуб, ќе има и содржини достапни за сите жители на општината.







