Мигрантите не беа ниту фасцинирани, ниту заплашени од владата на Џорџија Мелони, која ја освои власта во Италија и затоа што најавуваше нулта толеранција кон илегалните пристигнувања на бегалци, и политички и економски, на италијанска жалост.
Бројките се јасни и немилосрдни. Ги објави миланскиот „Кориере дела сера“, водечкиот весник по продажба на печатени весници и и читање на портали.
Минатата година, кога премиер беше Марио Драги, од Нова година до 27 март во Италија влегле, повеќе преку море отколку по копно, вкупно 6.543 илегални имигранти.
Годинава, исто така од 1 јануари до 27 март, кога премиерка е Џорџија Мелони, до италијанскиот брег продреле 26.927 лица.
За само пет дена, од минатиот четврток до вчера, во Италија „на црно“ влегле 6.564. Значи, само во тие пет дена, повеќе од лани во првите три месеци.
Бројките покажуваат дека владата на Џорџија Мелони во оваа битка претрпе крупен пораз, пораз до коска.
Не може да се каже дека премиерката не се потрудила. Проблемот со миграцијата го однесе и на состанокот во врвот на Европската унија, каде и беше кажано отприлика: да, тоа е проблем, ќе разговараме за тоа. Но, во јуни.
Кога се врати во Рим, Мелони се пофали дека постигнала тоа шрашање да биде централно.
Од објективна гледна точка, можеби е поставено под централниот, а не под периферниот дел на тепихот.
Заменик-премиерот и лидер на Лигата – сојузници и ривали во исто време – Матео Салвини постојано повторува дека било многу потешко да се влезе во Италија илегално кога ја имал оваа борба во свои раце, како вицепремиер и министер за внатрешни работи во првата влада на Џузепе Конте.
Мелони дојде на чело на владата затоа што нејзината партија, профашистичките „Браќа на Италија“, беше единствената од многу поголемите во опозиција на владата на Драги, базирана на широка коалиција.
Така, како единствена опозиција, зеде делови од електоратот токму од своите десничарски партнери Матео Салвини и Силвио Берлускони (Форца Италија).
Власта се погуби, опозицијата се радува и стравува
Најмногу мигранти пристигнуваат на Лампедуза (остров во регионот на Сицилија) и во Рочела, на брегот на Калабрија.
И на двете места, центарот предвиден како „жешка точка“ за првата медицинска и административна тријажа на нелегално пристигнатите има капацитет од по 400 луѓе. Сега и во едното и во другото има повеќе од по 1.500. Морнарицата секојдневно ги развезува по Италија, но секој ден пристигнуваат нови и нови.

Салвини тврди дека Италија е нападната од организираниот криминал. Факт е дека Тунис е во криза, дека 65 отсто од населението таму вели дека сака да емигрира, дека таму на криминалните шверцери на несреќни луѓе сега им е полесно, дека само во петокот и саботата пристигнаа повеќе од 3.000 мигранти од туниското пристаништето Сфакс, пред кое во четвртокот беа удавени најмалку триесет тунижани.
Но, факт е дека на шверцерите за оваа работа не им треба никаква идеологија, дека доволен мотивот им е заработката, од 5.000-8.000 долари по имигрант.
Трул рибарски брод со околу 150 мигранти значи неоданочени еден милион долари во џеб, за една ноќ.
Во овој поглед италијанската влада се уништи, иако Мелони тврдеше дека на власт доаѓа однапред целосно подготвена и ефикасна.
Опозицијата малку се радува, малку се плаши. Италијанската јавност, имено, спротивно на она што го тврди десницата, е убедена дека има премногу дојденци, дека во Италија ги има четири или пет пати повеќе отколку што се кажува, дека им ја крадат работата – иако повеќето од нив заминуваат веднаш за Франција, Белгија и Германија, односно Велика Британија: таму каде што веќе имаат роднини и каде полесно ќе најдат работа.
И покрај тоа, италијанската влада тврди дека мора да увезе повеќе странски сезонски работници отколку што дозволуваат прописите.
Колку и да тврди дека проблемот е во слабоста и покорноста на претходните влади, колку и да се закануваше дека во Брисел ќе удри со тупаница на маса, Џорџија Мелони се најде прикована од објективна ситуација.
Бројките се немилосрдни: таа трпи неуспех во подрачјето каде што за време на изборната кампања најгромогласно најавуваше брзи и ефективни решенија.
(Фото: АФП / Тицијана Фаби / Хандаут)







