Бугарската Влада соопшти дека премиерот Кирил Петков на 18 јануари ќе ја посети Македонија, а повод за посетата, наведе, е 30-годишнината од признавањето на независната македонска држава од страна на Бугарија.
Петков ќе биде придружуван од министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, како и од министерот за транспорт и врски, Николај Сабев.
Утринава и македонското Министерство за надворешни работи информираше дека висока делегација од Бугарија предводена од премиерот Петков на 18 јануари ќе ја посети нашата држава.
Посетата треба да означи нов почеток во развојот на билатералните односи меѓу Бугарија и Македонија и да ги претстави следните чекори што двете влади ќе ги преземат за решавање на отворените билатерални прашања.
„Треба да го промениме нашето разбирање за тоа што значи Република Северна Македонија да преговара со ЕУ и да биде дел од неа во иднина. Ајде да зборуваме за сите придобивки што ќе ги имаме ние и Република Северна Македонија од овој процес“, се цитира во соопштението изјавата на премиерот Петков.
Според македонското МНР, посетата е планирано да се реализира веднаш по стапувањето во функција на новата влада на Македонија.
„Со тоа, двете држави сведочат за важноста која ја придаваат на меѓусебните односи и соработка. На средбите се очекува да се реафирмираат досегашните резултати и постигнат напредок, како и да се воспостави дополнителна интензивна комуникација во насока на надминување на разликите за важни билатерални прашања меѓу двете земји“, се наведува во информацијата од МНР.
(Извор/Фото: МИА)







