Фудбалерите на Баерн од Минхен го победија денеска на гости Хановер со 3:0, во натпревар од 31 коло од германската Бумдеслига, Хофенхајм беше убедлив против Лајпциг, а важен триумф во борбата за опстанок запиша Хамбург.
Стрелци за Баерн беа Томас Милер во 57, Роберт Левандовски во 73 и Себастијан Руди во 97 минута.
Баварците се први на табелата со 78 бодови, а Хановер е 13-ти, со 36.
Со ист резултат славеше и Херта на гостувањето во Ајнтрахт. Екипата од Берлин до трите бодови стигна со погодоците на Дејвиј Зелке, Метју Лекиј и Александер Асвајн.
Херта е девета на табелата со 42 бодови, а Ајнтрахт е седми со четири бодови повеќе.
Фудбалерите на Хофенхајм на гости го победија Лајпциг со 5:2.
Два гола за победничката екипа постигна Марк Ут, во 14 и 59 минута, а во листата на стрелци се запишаа и Серж Гнабри во 35, Павел Кадерабек во 45 и Лукас Руп во 65 минута.
Оливер Бауман во 59 минута постигна автогол, а мрежата на Хофенхајм ја погоди и Дајо Упамекано во 89 минута.
Хофенхајм е петти со 49 бодови, а Лајпциг е на шестото место со два бода помалку.
Штутгард на свој терен беше подобар од Вердер со 2:0 и сега е десети со 42 освоени бодови, пет повеќе од Вердер кој е дванаесети.
Во дербито на дното на табелата, фудбалерите на Хамбург на свој терен го победија Фрајбург со 1:0, со голот на Луис Холтби во 54 минута. Фрајбург сега е на 16 место со 30 бодови, додека Хамбург е 17-ти со пет бодови помалку.