Смртоносна епидемија на пситакоза, бактериска инфекција позната како папагалска болест, ги погоди жителите на неколку европски земји, објави во вторникот Светската здравствена организација.
Епидемијата првпат беше забележана во 2023 година, а продолжи до почетокот на оваа година. Евидентирана е смрт на пет лица.
Папагалската треска е предизвикана од бактерии од групата Кламидија (Chlamydia), а можат да се најдат кај различни диви животни и домашни миленици (птици и живина).
Заразените птици не изгледаат секогаш болни, но ги отфрлаат бактериите кога дишат или во столицата.
Луѓето обично се инфицираат со папагалска треска со вдишување на секрет од заразена птица.
Може да се разболат и ако птицата ги касне или со контакт на клунот со устата. Болеста не се пренесува со јадење месо од заразени животни.
Истражувањата покажаа дека преносот од човек на човек е можен, но редок.Во повеќето најнови случаи утврдено е дека болните лица биле изложени на домашни или диви птици кои биле заразени, известува СЗО.
Повеќето луѓе кои се заразени со папагалска болест имаат благи симптоми кои започнуваат од пет до 14 дена по контактот со болна птица.
Симптомите може да бидат главоболка, болки во мускулите, сува кашлица и треска. Инфекцијата се лекува со антибиотици и за луѓето ретко е фатална.
Австрија, вообичаено, секоја година бележи два случаи на оваа болест, но, лани пријави 14 случаи, и уште четири годинава.
Случаевите еден со друг не се поврзани, а ниту еден од болните не патувал во странство ниту бил во контакт со диви птици.
Во Данска, обично има 15-30 случаи на папагалска треска кај луѓе секоја година, а повеќето произлегуваат од изложеност на птици – домашни миленичиња.
Годинава во оваа држава се потврдени 23 случаи, но претставниците на јавното здравство се сомневаат дека бројката е многу поголема. Од тие 23 случаи, 17 лица се хоспитализирани. 15 од нив имале пневмонија, а четири лица починале, јавува Си-Ен-Ен.
Најмалку едно лице во Данска добило папагалска треска од птица која е домашно милениче. Од 15 други случаи со достапни информации за изложеност, 12 пациенти рекле дека биле во контакт со диви птици преку садови за нивно хранење, а тројца немале никаков контакт со каква и да е птица.
Германија лани имаше 14 потврдени случаи на оваа болест и уште пет годинава.Речиси сите лица имале пневмонија, а 16 од нив биле хоспитализирани.Од 19 случаи во Германија, пет пријавиле изложеност на болни миленичиња.
Шведска бележи зголемување на бројот на случаи на папагалска треска од 2017 година.Оваа скандинавска држава пријави невообичаено голем број случаи кон крајот на ноември и почетокот на декември лани.Оваа годинава имало 13 случаи, а тоа е помалку од бројот на пријавени случаи во истиот период во изминатите пет години.
Пораст на оваа болест бележи и Холандија, со двојно повеќе случаи отколку во истиот период од претходните години. Сега има 21, а обично има околу девет годишно. Сите заболени во Холандија се хоспитализирани, а едно лице починало. Осум од нив пријавиле дека не биле во контакт со птици, додека останатите изјавиле дека биле.
Светската здравствена организација ќе продолжи да ја следи епидемијата во соработка со погодените земји. Организацијата им порачува на лекарите да бидат внимателни и ги предупредува сопствениците на птици – миленичиња и работниците кои често се во контакт со птиците за важноста од добрата хигиена на рацете.
(Фото: Илустрација)







