Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски ќе одлучува дали да му се укине притворот на Сеад Кочан кој е во бегство повеќе од еден месец.
Судиите на Врховниот суд одлучија Вангеловски да остане во советот кој треба да ја донесе одлуката за решението за притвор на газдата на „Трансмет“ и ТВ Нова, осомничен во случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство за проневера на 17 милиони евра од буџетот на Република Македонија.
Враќањето на Вангеловски во игра за случајот со одметнатиот Кочан, следи откако на 30 март СЈО побара негово изземање затоа што и тој бил во дел од прислушуваните материјали.
„Врховен“ денес го одби приговорот на екс-претседателката на овој суд, Лидија Неделкова, која по барање на Вангеловски и беше оневозможено да одлучува за Кочан, иако со електронската распределба и токму неа и падна овој предмет. Неделкова е заменета со друг судија.
Поранешниот прв човек на Врховниот суд, Лидија Неделкова, неодамна јавно изјави дека била тргната од Кривичниот совет, затоа што се изјаснила дека надлежност за случајот на Кочан има само СЈО, а не и Јавното обвинителство на Република Македонија претставено од Марко Зврлевски.
Врховниот суд ги одби и сите 17 приговори од незадоволните судии од Основниот суд Скопје 1, кои реагираа против новиот распоред на в.д. претседателот на Судот Стојанче Рибарев.
Во соопштението, не се наведуваат причините зашто сите приговори се одбиени.







