Илјадници работници од службите за Итна помош во Британија за денеска најавија штрајк, откако синдикатите и владата не постигнаа договор за зголемување на платите.
Синдикатите бараат зголемувањето на платите да биде во чекор со инфлацијата, која во ноември изнесуваше 10,7 отсто, додека британската конзервативна влада возвраќа дека двоцифрено зголемување на платите дополнително ќе ја поттикне инфлацијата и нуди пораст од околу четири отсто.
Министерот за здравство, Стив Баркли, вчера попладне се сретна со претставници на синдикатот, без договор за откажување на најавениот штрајк.
Незадоволните медицински сестри, болничари и друг медицински персонал, тврдат дека платите во британскиот јавен здравствен сектор се намалени за 17 отсто, во реален износ од 2010 година, додека побарувачката за амбулантни возила е зголемена за 77 отсто.
Возачите од Итната помош ќе им се придружат на медицинските сестри, железничкиот персонал, службениците за пасошка контрола и поштенските работници кои планираат да штрајкуваат во наредните недели.
Владата смета на тоа дека јавното мислење ќе се сврти против синдикатите, бидејќи луѓето ширум Британија се соочуваат со одложени прегледи во болниците, откажани возови и одложени патувања среде празничната сезона.
Но, анкетите покажуваат дека има високо ниво на поддршка за работниците, особено за медицинските сестри, чии штрајкови низ Англија, Велс и Северна Ирска се први во 100-годишната историја на нивниот синдикат.
Болничарите и екипите на брзата помош велат дека ќе продолжат да одговараат на итните повици за време на штрајкот.
Министерството за здравство ги повика Британците добро да размислуваат за контактните спортови и да избегнуваат замрзнати патишта за време на штрајкот на брзата помош.
Армијата е ставена на готовност да го преземе управувањето со возилата на брзата помош, но војниците нема да ги имаат истите овластувања во пружањето помош.
(Фото: АФП)







