Кандидатот на ДУИ, Висар Ганиу, прогласи победа во општина Чаир по денешното прегласување на едно избирачко место.
Неговиот противкандидат од Беса, Зеќирија Ибрахими, рече дека ова е украдена победа. Според него, на денешниот ден се вршел притисок врз гласачите.
Според објавените резултати на веб-страницата на Државната изборна комисија, за Висар Ганиу гласале 169, а за Зеќирија Ибрахими 98 гласачи.
На гласање денеска излегле 272 гласачи, односно 37.83 отсто.
И во претходните два круга од локалните избори, кандидатот на ДУИ освои мнозинство гласови. Прегласувањето се изврши по поднесена тужба на Беса до Управниот суд.







