Под мотото „Боите на независноста“ в недела кај Школка во Градскиот парк ќе биде организирана прослава по повод 8 Септември – Денот на независноста.
Прославата ја организира Владата, а најавено е и обраќање на премиерот Зоран Заев.
Предвидена е богата културно-уметничка и забавна програма.
Ќе настапат Петко и „Пет плус“, „Ај кју“, Виолета Томовска, Елита Зибери и диџејот
Драган Б. Костиќ.
Граѓаните ќе имаат можност да уживаат во традиционалната храна, да учествуваат во спортски активности и да ја видат изложбата на деца од малите групни домови.
На штандот на Министерството за здраство граѓаните ќе можат да измерат крвен притисок и да извршат очен преглед, а припадниците на МВР и АРМ ќе изведат показни вежби.
„Владата на Република Северна Македонија ги кани сите граѓани в недела на заедничко чествување во Градскиот парк во Скопје. Манифестацијата е со почеток во 11 часот пред Школка. Под мотото „Боите на независноста“ ве покануваме заедно да ги прославиме боите на слободата, радоста и убавината“, рече владиниот портпарол Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција во Владата.
Одбележувањето ќе почне со положување цвеќе на партизанските гробишта во Бутел и на вечните почивалишта на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски и на поранешниот претседател Киро Глигоров.







