Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за правда Билен Саљији, министерката за образование и наука Рената Тренеска Дескоска, министерот за култура Роберт Алаѓозовски и Виктор Митевски, шеф на кабинетот на министерот за финансии, денеска остварил средба со делегација на Исламската верска заедница предводена од поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул улема, Хаџи Сулејман ефенди Реџеп.
Претставниците на Исламската верска заедница го поздравиле работењето на новата влада и порачаа дека го подржуваат спроведувањето на реформските процеси за кои рекоа дека ќе донесат добро на сите граѓани од сите верски заедници во Република Македонија.
На средбата се разговарало за повеќе проблеми со кои се соочува Исламската верска заедница и за можностите тие да се решат во рамки на законските прописи.
Премиерот Заев истакнал дека Исламската верска заедница ја има поддршката на Владата на Република Македонија во затворање на сите отворени прашања низ дијалог и меѓусебни консултации.
Претставнците на Исламската верска заедница посочиле на проблеми поврзани со негрижа на културно наследство, со узурпација на земјиште во сопственост на Исламската верска заедница, одредени образовни и финансиски проблеми, и изразија надеж дека низ системот на правната држава овие проблеми ќе бидат решени.
На средбата се разговарало и за потребата од назначување на компетентни раководни кадри во Комисијата за верски заедници кои во иднина ќе ги застапуваат интересите на сите верски заедници во земјата.
Заеднички било оценето дека преку меѓусебна соработка, почитување на различностите, посветеност кон демократските принципи и заедничка работа ќе создаваме едно општество коешто ќе нуди еднакви шанси за сите граѓани.







