Цените на недвижностите значително пораснаа во последните години и во Хрватска. Воведувањето на еврото од 1 јануари нема значително да се одрази на нивните цени, но влезот на Хрватска во Шенген зоната ќе го зголеми интересот на странците за купување недвижен имот, оценуваат директорите на агенциите за недвижности во земјата.
По воведувањето на еврото, цените најверојатно ќе се корегираат во нагорна линија, иако пазарот на недвижности таму веќе подолго време работи во евра, односно цените се соопштуваат во евра, а се плаќаат во куни.
„На странците ќе им биде полесно да пресметуваат во сопствена валута. Исто така ќе биде многу полесно да се извршат трансакции отколку трансакции со курсна разлика, бидејќи купувачот за да купи недвижен имот во Хрватска мора да ја плати сумата во куни според договорениот курс“, истакнува Серџо Сердарушиќ од агенцијата „Евровила“.
И Борислав Вујовиќ од агенцијата „Оперета“ смета дека воведувањето на еврото во Хрватска нема да биде клучен фактор за цените на недвижностите.
„Меѓутоа, психолошката бариера што може да постои поради конверзијата, која има своја цена, дефинитивно ќе исчезне“, додаде тој.
„Шенгенот“, смета Сердарушиќ, ќе влијае на пазарот во смисла на тоа дека на луѓето од околината ќе им биде полесно да дојдат во Хрватска кога нема повеќе гранични контроли, што, исто така, требало да ја зголеми побарувачката. Патем, очекува и последователно зголемување на цените во пограничните жупании Истра и Приморје-Горски Котар, каде најголемиот дел од недвижностите го купуваат странци.
Според агентите за недвижности, странците во Хрватска почесто купуваат недвижен имот како инвестиција за изнајмување, а не за лични потреби, со оглед на тоа што даноците се многу ниски и рамни, а недвижноста често ја продаваат веднаш по купувањето по повисока цена. Велат дека се купуваат објекти исклучиво на брегот, а има многу малку трансакции во внатрешноста на Хрватска и Загреб, додека нема информации некаква „раздвиженост“ во областите Лика, Горски Котар и Славонија.
Странските купувачи најчесто доаѓаат од Словенија, Германија, Словачка, Унгарија, Чешка, Полска и Австрија, но зголемена е побарувачката и од скандинавските земји и од Холандија.
Цените на становите во Хрватска пораснале за 3,7 отсто во споредба со вториот квартал од годинава, а за 13,6 отсто во однос на претходната година, покажуваат податоците на Хрватскиот завод за статистика. Тоа значи дека продолжување на растот на цените на недвижности, кој трае од вториот квартал на 2017 година.







