Роберт Ф. Кенеди Помладиот, вчера се откажа од трката за номинација на Демократската партија за претседателските избори во Соединетите Американски Држави следната година и пред своите симпатизери во Филаделфија најави дека за Белата куќа ќе се натпреварува како независен кандидат.
Кенеди, според предвидувањата на политичките прогнозери, нема шанси да стане 47-ми претседател на САД.
Но, тие размислуваат дали независната кандидатура на Кенеди ќе му помогне или ќе му наштети на претседателот Џо Бајден, кој се кандидира за втор мандат, или на поранешниот претседател Доналд Трамп, фаворит за номинација на Републиканската партија.
Во клучните, таканаречени „свинг“ држави како Пенсилванија, независен кандидат би можел да има значително влијание врз резултатот од претседателската трка.
Кенеди изјави дека неговата кампања ќе биде независна од Вол Стрит, од големите технолошки, фармацевтски, земјоделски и воени компании, и далеку од лобистите, „платените медиуми“ и „двопартискиот систем“, а поддржувачите ракоплескаа држејќи транспаренти на кои пушуваше „Кенеди 24“.

„Во поларизирана земја, корумпираните власти лесно можат да манипулираат и контролираат и да ви ги одземат богатството, слободите, правдата, достоинството“,
Роберт Ф. Кенеди Помладиот
Кенеди може да очекува внимателно следење од страна на демократите, кои ја научија лекцијата во 2016 година кога Џил Стајн, кандидатката на Зелената партија, освои 49.941 глас во Пенсилванија, каде Трамп ја победи демократката Хилари Клинтон за 44.292 гласа повеќе.
(Фото: Мет Рурки/АП)







