Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денес заедно со Владимир Ѓорчев и Александар Николоски, оствари средба со претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ.
„Двајцата соговорници позитивно ги оценија односите меѓу двете земји кои се карактеризираат со взаемно пријатество и разбирање’, известија од ВМРО-ДПМНЕ
Груевски го запознал својот соговорник со аспектите на политичката криза и позициите и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на клучните прашања и начините за надминување на предизвиците.
Од страна на ВМРО-ДПМНЕ било изразено незадоволство од платформата договорена во Тирана и негативните последици што се предизвикуваат од таквото мешање во внатрешните работи на соседна држава, спротивно на принципите за добрососедство.
Било посочено и дека за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо што Тиранската Платформа стана основа за договор и функционирање на владата договорена од СДСМ, платформа која не била понудена на избори со што била направена изборна измама на граѓаните.
Груевски, Ѓорчев и Николовски го информирале Иваниќ дека ВМРО-ДПМНЕ е за зачувување на унитарноста, граѓанскиот карактер и почитување на правата и принципиелна поддршка на сите заедници во државата, и соживот меѓу Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите Власите, Бошњаците и останатите.
Разговарајќи околу можните решенија делагацијата на ВМРО-ДПМНЕ ја повторила оценката дека единствениот начин за излез од политичката криза, и постигнување на стабилност, е спроведување на брзи парламентарни избори, заедно со редовните локални избори каде граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат за Тиранската Платформа која била прифатена од СДСМ.







