Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги повикаа премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска да присуствуваат на јавната расправа за владината стратегија и акционен план за мигрантите, бегалците и странците 2017-2027 година во Собранието на Република Македонија.
„Премиерот Заев и министерката Царовска, во својата изјава во Штип минатата недела, дадоа јавна и силна поддршка на стратегијата и акциониот план за мигранти, бегалци и странци за следните 10 години.
„Затоа ги покануваме Заев и Царовска да ја објаснат и да ја образложат својата силна поддршка на Стратегијата за мигранти, бегалци и странци, како и да одговорат на голем број прашања што се важни за државата и за голем број општини – стои во соопштението од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие наведуваат дека на минатата јавна расправа заменик-министерот за труд и социјална политика Елми Азири не одговорил на ниту едно поставено прашање вклучувајќи и колку милијарди евра од Буџетот на Република Македонија ќе се наменат за спроведување на стратегијата во следните 10 години, кои се проектите што ќе почнат да се реализираат оваа и следната година, како и кои ќе бидат општините во кои ќе се реализира трајното сместување на мигрантите, бегалците и странците.







