Каква порака им испраќа Македонија и Министерството за одбрана на нашите партнери од НАТО доколку за прв човек на военото разузнавање се постави лице со дамки во кариерата кое имало проблеми во земјава да обезбеди безбедносен серитификат?, праша Трајче Димков од ВМРО-ДПМНЕ. Тој тврди дека првите луѓе на Министерството за одбрана водат политика мотивирана пред сè од партиските интереси, а не од националните.
„Деновиве сме сведоци на скандал којшто го објавија медиумите и легитимно се поставува прашањето дали Радмила Шекеринска за началник на Военото разузнавање назначила човек кој не поседувал безбедносен сертификат? Овој сомнеж е се поголем откако медиумите обелоденија дека Горан Василевски со безбедносен сертификат се стекнал за неполн месец, иако законските процедури за добивање сертификат со степен „Државна тајна“ изнесуваат до 6 месеци, а во вонредни услови може да изнесуваат и до 12 месеци“, рече Димков.
Радмила Шекеринска, додаде тој, е должна да ѝ одговори на јавноста дали се испочитувани условите за издавање безбедносен сертификат на лицето Горан Василевски?
Министерството за одбрана соопшти дека категорично ги отфрла дезинформациите изнесени на денешната прес-конференција на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Од таму посочуваат дека полковникот Горан Василевски поседува безбедносен сертификат потребен за неговото работно место, издаден од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.
„До моментот на добивање сертификат, Василевски нема решение од министерката за одбрана дека е овластено лице за безбедносни сертификати во МО. Дека нема пречки да се стекне со потребниот степен на доверливост, потврдуваат и УБК и ДБКИ, кои сигурно дека не би ги нарушиле востановените процедури доколку постоел податок кој го тврди спротивното.
„Претходната пракса на одземање на безбедносните сертификати, во голем број случаи се користела како начин за дискреционо фаворизирање на едни, а елиминација на други кадри во МО и АРМ. И од страна на Генералштабот на АРМ во повеќе прилики беше оценето дека оваа пракса се злоупотребувала како алатка за елиминирање или протежирање на политички подобни кадри.
Таа практика заврши“, се вели во демантот.







