„Венко Филипче и Зоран Заев се разбудија од зимски сон и им текна дека не одело тоа така во кафулиња и ресторани да влегуваат лица само кои се вакцинирани. Им текна дека мерките не се на место, дека се дискриминаторски и фашизоидни. Тоа им го кажаа и граѓаните излегувајќи на улица, изразувајќи револт. И сега откако стапи на сила тоа што тие си го замислуваа има кафулиња и ресторни кои не работат, секторот трпи, промет нема, луѓето немаат работа“, се наведува во денешното соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Велат дека сликата од првиот ден е оти нема јасни насоки за угостителите, дека газдите не можеле да ангажираат нови лица, а веќе вработените не знаеле што попрво да прават и дека кафанџиите немаат контролен механизам да бидат сигурни дека некој од гостите не ги излажал.
„Глупостите на Филипче и Заев не завршуваат, туку комплетно предизвикуваат хаос“, истакнуваат опозиционерите и прашуваат за тоа како, на пример, невакциниран вработен во угостителски објект, кој е потенцијален ризик за пренос на ковид-19, може да ги послужува гостите“.
Сега, напоменуваат, Филипче промовирал нови мерки, односно да се бара ПЦР-тест за влез и за излез од земјава, арно ама не знаел кога ќе почне да се применува.
„Да смислат мерки кои ќе спречат ширење на корона не ги бива, ама за земање провизии се махери. Но, времето на Заев и Филипче помина. Од нив никој ништо не очекува, единствено да прекинат да ги извршуваат функциите со што ќе се спаси народот“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.