Стручниот тим на ВМРО-ДПМНЕ до крајот на неделава ќе достави предлози и забелешки на законот за Јавно обвинителство, по што треба да се одржи средба на работните групи.
Ова, како што брифираат од двете партии, било договорено на средбата меѓу Бојан Маричиќ од СДСМ и Тимчо Муцунски од ВМРО – ДПМНЕ, на која станало збор за можните решенија и одоглавувањето на дијалогот за законското решение за Јавното обвинителство, пренесува МИА.
„ВМРО-ДПМНЕ се обврза да достави конкретни писмени забелешки на текстот на законот во наредните денови пред да се закаже средба на работните групи која би требало да се случи до крајот на оваа недела. Постапките на Специјалното Јавно Обвинителство и продолжување со работа на обвинителите на конкретните случаи со кои се задолжени остануваат најголем проблем за опозицијата. Ние сакаме правда и професионално обвинителство кое ќе ги продолжи постапките. СДСМ цврсто стои зад донесување на законот и работиме со сите пратенички групи за негово донесување, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочуваат дека камен на сопнување продолжува да биде, како што наведуваат, „неизбалансираното законско решение со кое засега не се гарантира независно јавно обвинителство кое е подложно на политички злоупотреби“.







