Топлотен бран зафати делови од јужна Европа и северозападна Африка, со можни рекордни температури во наредните денови, пишува денеска Би-Би-Си.
Се очекува температурите да надминат 40 степени Целзиусови во делови од Шпанија, Франција, Грција, Хрватска и Турција.
Во Италија температурите би можеле да достигнат до 48,8 степени.
Црвен аларм е објавен за 10 градови, меѓу кои Фиренца и Рим.
Во вторникот, маж на околу 40-годишна возраст почина откако колабираше во северна Италија.
Италијанските медиуми известија дека 44-годишниот работник боел пешачки премини во градот Лоди, во близина на Милано, пред да му се слоши од жештината.
Бил пренесен во болница каде подоцна починал.
„Се соочуваме со неподнослив топлотен бран“, напиша италијанскиот политичар Никола Фратојани на Твитер.
„Во најжешките часови треба да се преземат сите корисни мерки на претпазливост за да се избегнат трагедии како оваа што денеска се случи во Лоди“, се наведува во „твитот“ на Фратројани.
Неколку туристи во Италија ја загубија свеста поради топлотен удар, меѓу кои и еден Британец пред Колосеумот во Рим.
Екстремни горештини во наредните денови
Се очекува дека топлотниот бран „Кербер“ – кого Италијанското метеоролошко друштво го именуваше по чудовиштето со три глави што се појавува во пеколот на Данте – ќе донесе екстремни услови во текот на следните неколку дена.
„Мет Офис“ вели дека температурите ќе го достигнат врвот во петок, а пак од Би-Би-Си јавуваат дека големи делови од јужна Европа би можеле да забележат температури над 40 степени, а можеби и повеќе.
Врелината најверојатно ќе продолжи и во текот на викендот.
Во Прага, главниот град на Чешка, температурите во сабота, според објавата за временската прогноза на Би-Би-Си, би можеле да достигнат и до 36 степени според, што е значително над просекот од 24 степени во јули.
Највисоката температура во Европа од 48,8 степени Целзиусови е забележана во близина на Сиракуза, на италијанскиот остров Сицилија, во август 2021 година.
Повеќе од 60.000 луѓе починаа во Европа минатата година како последица на жештините.
Се стравува дека овој топлотен бран може да однесе многу повеќе животи ова лето.
Топлотен бран е период на жешко време каде температурите се повисоки од очекуваните за тој период од годината.
Експертите велат дека периодите на екстремно топло време се се почести, а климатските промени зачестено носат рекордни температури.
Европскиот центар за среднорочни временски прогнози објави дека овогодинешниот јуни во светот бил најтопол досега забележан.







