Поради пожарот што избувна на полигон за воена обука во областа Кировске на Крим, евакуирани се повеќе од две илјади луѓе, а затворен е блискиот автопат, објави денеска утринава гувернерот на полуостровот што е под управа на Русија.
Украинските медиуми и руските канали на Телеграм, поврзани со руските безбедносни служби, јавуваат дека гори складиште за оружје после воздушниот напад на Украина во текот на ноќта.
„Планирана е привремена евакуација на жители од четири места – тоа се повеќе од две илјади луѓе“, напиша Сергеј Аксјонов, гувернер на Крим назначен од Москва.
Серхиј Братчук, портпаролот на воената управа на Одеса, објави две видеа од пожар во ненаселена област, со опис: „Непријателски склад за оружје, Стар Крим“.
Тоа е мало, историско место во областа Кировске, на полуостровот што беше анектиран од Русија во 2014 година.
На социјалните мрежи се шират снимки и фотографии од оган и чад, заедно со звуци од детонации.
Дел медиумите тврдат дека во 7.30 часот по локално време пожарот траел веќе три часа. Тој се случува два дена после експлозијата во која беше оштетен мостот што ги поврзува Крим и руската област Краснодар.
Рускиот претседател Владимир Путин најави одмазда за тој потег. Русија во текот на ноќта, втор ден по ред, жестоко ја нападна Одеса.







