Јавноста во Бугарија е загрижена заради вестите за наводно постоење на црн пазар поврзан со вирусот Ковид 19, а бугарската Нова ТВ известува за илегална продажба на крвна плазма во земјата, додека бугарските експерти предупредуваат на опасност од ваква трговија и наводно лекување.
Пандемијата го промени нелегалниот пазар и учесниците сега продаваат крвна плазма, за која се наведува дека е ефикасен лек за Ковид 19, и чија цена оди и над 2.500 евра, известува Нова ЅВ во Бугарија.
Новинарите на Нова, претставувајќи се како заинтересирани купувачи се состанале со посредници во таа трговија, во дворот на една од главните болници во Софија.
„Тие започнуваат разговор со нас, им велиме дека сакаме да купиме крвна плазма, а тие ни кажуваат дека можат да помогнат“, информираат известувачите.
Марија Петрова, бугарски експерт за медицинско право, ги смета известувањата за загрижувачки.
„Трансфузијата на крвна плазма не е универзален лек и ако лекарите така не одлучат, нејзината самоиницијативна примена би можела да биде штетна. Оваа терапија не е потврдена и се заснова само на прелиминарни студии. Важно е луѓето да го знаат тоа“, изјави Петрова.
Таа, меѓу другото, потенцира дека бугарскиот Кривичен законик овој вид на дејност го сврстува во тешки кривични дела, а од друга страна, тоа било кршење на правилата според кои за медицински цели се зема крв или плазма.
„На веб страницата на Европската комисија можете да видите дека податоци за примена на крвна плазма како терапија за Ковид 19 сеуште се собираат и истражуваат“, предупреди на крајот Петрова.







