За деталите и неопходните активности што треба да се преземат за отворање на граничниот премин Преспа, во грчкото Министерство за надворешни работи денеска се одржа состанок на надлежните министри од грчката Влада.
Од Министерството за надворешни работи на Грција, соопштуваат дека сите учесници на состанок ја истакнале важноста на проектот за локалната економија и за зајакнување на односите меѓу Грција, Македонија и Албанија. Во однос на финансирањето на проектот, намерата е да се искористат средства од прекуграничната програма меѓу Македонија и Грција (interreg).
„Разговорите се фокусираа на неопходната подготовка за да се обезбеди пристап до преминот Преспа преку езеро и копно. Затоа, потребно е да се изгради пат како и објекти во кои ќе биде сместена царинска служба и пасошка контрола – соопштуваат од грчкото МНР.
На состанокот, освен шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, учествувале и алтернативниот министер за цивилна заштита, Никос Тоскас, заменикот министер за економија, Екатерини Папанациу, префектот на областа Западна Македонија, Теодорос Карипидис, како и претставници на министерствата за одбрана и транспорт и врски.







