Четириесет и петгодишна затвореничка од Струмица починала во затворот Идризово. Откако ѝ се слошило, била повикана брза помош, затоа што и попладне и ноќе, во затворот нема дежурен лекар. Лекарите од итната помош констатирале смрт.
Од јануари до сега, ова е шестото осудено лице кое починало во најголемиот затвор во Македонија.
Народниот правобранител Иџет Мемети има покренато постапки за сите смртни случаи од почетокот на годинава. Тој тврди дека затворениците овде умираат поради лошата здравствена заштита.
Починатата жена била осудена на осумгодишна затворска казна за посредување во проституција на малолетни лица. Случајот веднаш бил пријавен во полиција, а обвинител извршил увид на самото место.







