Во американската економија во јули се отворени повеќе работни места отколку што се очекуваше, малку се зголемени платите, а стапката на невработеност повторно падна на најниско ниво во последните 16 години, покажа денеска објавениот извештај на американското Министерство за труд.
Во јули во Соединетите Американски Држави се отворени 209.000 нови работни места, по ревидираните 231 илјада во претходниот месец, се наведува во извештајот на министерството. Првично објавените податоци за јуни покажаа бројка од 222 илјади.
Стапката на невработеност падна за 0,1 процентен поен, на 4,3 отсто, најниско ниво во последните 16 години, на кое веќе накратко падна во мај. Од почетокот на годината таа е намалена за 0,4 процентни поени.
Следено по сектори, во производствениот сектор вработеноста се зголеми за 16.000 лица. Во автомобилската индустрија се искачи на 1.600 и покрај слабата продажба и големите залихи што ги принудија производителите да го намалат производството.
Градежните компании во јули вработиле шест илјади нови работници, додека во малопродажниот сектор бројот на вработени е зголемен за 900 лица иако вработувањето кај онлајн трговците многу го надмина отпуштањето во класичната трговија на мало.
Државниот сектор во јули бележи зголемување на бројот на вработени за четири илјади, покажуваат податоците на министерството.
Извештајот, исто така, покажа дека во просек платите по работен час се зголемија за 0,3 проценти на месечно ниво, најповеќе во изминатите пет месеци, после 0,2 отстотниот раст во јуни. На годишно ниво се зголемија за 2,5 проценти, како и во претходниот месец, се вели во извештајот.
Економистите очекуваа 183 илјади нови работни места и раст на платите од 0,3 отсто, потсетува Ројтерс.







