Околу половина час по полноќ на неодамна реконструираната железничка пруга Заечар – Књажевац, кај селото Вратарница, товарен вагон во кој се наоѓала фосфорна киселина излета од шините и се преврте.
Од 12 вагони, од шините излетал само еден.
Возот се движел од пристаништето Прахово кон Шабац и превезувал фосфорна киселина за потребите на фабриката „Еликсир Зорка“. По оваа пруга често се транспортира и амонијак.

Портпаролот на заечарската полиција, Александар Богојевиќ, изјави дека од цистерната нема излевање на киселина, ниту дека постои опасност тоа да се случи.
„Луѓето не треба да се грижат, ситуацијата не е како во Пирот“, посочува Богојевиќ.
Нешто пред девет часот утрово од Ниш пристигна екипа која во моментов го крева вагонот кој излета од пругата.
Како што неофицијално се дознава, тоа би можело да трае неколку часа.
Наскоро ќе пристигне и мала локомотива која во неколку наврати ќе ги превезе вагоните до Зајечар.
Сообраќајот на овој дел од пругата е во прекин. Полицијата и пожарникарите се на терен.
Потсетуваме, во март годинава тогашниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Томислав Момировиќ, и градоначалникот на Зајечар, Бошко Ничиќ, тврдеа дека пругата била реконструирана, иако таа е во видно лоша состојба.
Луѓето кои во моментов се наоѓаат на местото на настанот кажуваат дека оваа пруга е во исклучително лоша состојба, а шрафовите, велат, дека се од 1962 година.
Пред само неколку дена, во Пирот, воз на „Еликсир Зорка“ кој превезуваше амонијак излета од шините, дојде до истекување на киселината, а како последица на тоа две лица го загубија животот.
(Извор/Фото: „Данас“)







