Холандските власти истражуваат 33 смртни случаи поврзани со набавка на „прав за самоубиство“ од член на група која заговара право на смрт, објавија денеска од државното обвинителство.
Бројот на случаи е откриен на сослушувањето пред судењето на членови на групата која се нарекува „Кооператива тестамент“. Се очекува бројот да се искачи, затоа што член на групата им кажа на новинарите дека прав купиле повеќе од стотина луѓе.
Таканаречената „Кооператива“, која од 2018 година ја промовира „супстанција Х“ како ефтин и безболен начин на умирање, е криминална организација која илегално помага во самоубиства, истакнаа обвинителите.
Еутаназијата е легална во Холандија, но под многу строги правила и под надзор на лекар. Помагање во самоубиство надвор од тие рамки се казнува до три години затвор.
Обвинето е 28-годишно момче, член на групата, кое илегално ја дистрибуирало супстанцијата и ги перел парите, а портпаролот на Обвинителството, Барт Ваесен рече дека ќе одговара за помагање во самоубиство.
„Истражуваме 33 случаи во кои ‘супстанцијата х’ е продавана на луѓе кои подоцна починале. Во 15 случаи е докажано дека починале заради користење на супстанцијата“, рече Ваесен.
Осомничениот Алекс Скот се брани од слобода. Минатата недела уапсени се уште две лица, а еден од нив е 78-годишен психолог, Вим ван Дијк, кој за весникот „Де Волкскрант“ изјави дека супстанцијата од него ја купиле „повеќе од стотина луѓе“.
Обвинет е и челникот на организацијата, Јос ван Вијк, кој за холандската емисија „Оп 1“ изјави дека групата „секогаш дејствувала во склад со законот“.
Холандија во 2002 година стана прва држава која ја легализираше еутаназијата, но само во случаи на неиздржлива физичка болка или ментално страдање кое не може да се излекува и кога пациентот при здрав разум тоа ќе го побара неколку пати. Проценките ги донесуваат лекари, а ги проверуваат независни одбори.
(Фото: ЕПА)