Во среда во 10 часот по локално време започнува расправата во грчкиот Парламент за ратификација на Договорот од Преспа, а гласањето ќе биде во четврток вечер, брифираат извори од грчкиот Парламент.
Ова било одлучено на денешниот состанок на претседателот на грчкиот парламент со неговите заменици.
Според истите информации, пленарната седница и во среда и во четврток ќе започне во 10 часот наутро по локално време, а ќе трае во зависност од каталогот на пратеници кои ќе се пријават за збор. Доколку има голем број заинтересирани пратеници за дискусија, би можело да трае и до 2-3 часот наутро.
Денеска во 17 часот по локално време започнува со работа парламентарната Комисија за национална одбрана и надворешни работи која ќе го разгледа нацрт закон според кој се ратификува и стапува во сила Договорот од Преспа.
Доколку има потреба, комисијата ќе одржи седница и утре.







