Веќе добро натопената Нова Англија се подготвува за повеќе врнежи, а државниот метеоролошки центар предупреди дека на екстремна топлина ќе биде изложено четвртина од американското население.
Делови од Нова Англија и области долж средишниот Атлантик ќе ги погодат силни дождови.
Невреме се очекува во Њујорк, Бостон и Филаделфија.
„Со оглед на тоа што почвата е силно натопена од дождовите во изминатите десет дена, ќе настанат погодни услови за поплави“, предупредуваат од центарот.
Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, ги повика жителите да ги одложат патувањата додека не помине дождот, бидејќи автомобилите може да бидат однесени од надојдените води. Од метеоролошкиот центар најавија и можност за торнада и одрони на земјиште.
Најмалку четири лица загинаа во саботата во поплавите во дел од градот Апер Макефилд во Пенсилванија, на околу 30 километри од Филаделфија, соопшти локалната полиција.
Спасувачите се уште трагаат по тројца исчезнати – деветмесечно бебе, неговата двегодишна сестра и по една возрасна жена.

Поројни поплави беснеат последниве денови на североистокот на земјата, особено во Вермонт, чиј главен град Монпелиер беше катастрофално поплавен, а за денеска е огласен нов аларм.
Освен тоа подрачје, метеоролозите предупредија на обилни врнежи од дожд во делови од централна Америка и по долината од Мисисипи, и во источен Тексас, делови од Арканзас и Луизијана и делови од брегот на Мексичкиот залив.
Тревога за големи горештини издадена е за северозападниот дел на Пацификот и Калифорнија, преку Средниот Запад па се до Флорида.
Во некои области, како Невада и Аризона, се очекуваат температури до 46 степени.
Во познатата Долина на смртта, во Калифорнија, едно од најжешките места на планетата, термометарот во саботата навечер покажа 51 степен Целзиусов.
На топлотниот бран ќе бидат изложени околу 80 милиони луѓе, соопштија од центарот.
Пеколни горештини во Европа и Азија: Соборен рекорд во Кина
Десетици милиони луѓе „изгореа“ вчера на пеколната топлина што ја зафати северната хемисфера, додека во Калифорнија беснееја разорни пожари, а во Азија и необични бури.
Во Италија за 16 градови е издаден црвен метео аларм, со очекувана температура од 36 до 40.
До 48 степени се очекуваат на почетокот на неделата на Сардинија, медитерански остров западно од Апенинскиот полуостров.
Во Шпанија, која излегува од спарна недела, метеоролошката агенција за денес издаде портокалово предупредување.
Таа предупреди на температури од 38 до 42 Целзиусови степени во големи области на полуостровот и на Балеарските острови.
Црвено предупредување со температури од 42 до 44 степени е издадено за денеска за регионот Андалузија, а за вторник за Арагон, Каталонија и Мајорка.
Во Романија денеска се очекуваат 39 степени.
Во Грција горештините би требало малку да попуштат, а атинскиот Акропол вчера од 13 до 17 часот по локално време беше затворен за јавноста.
Во Јапонија, вчера беа забележани високи температури во 20 од 47 јапонски префектури, а поројните поплави по обилните врнежи однесоа осум животи, меѓу кои е маж кој во саботата беше пронајден мртов во својот автомобил.

Во Кина највисоката некогаш измерена температура се зголеми за речиси два степени.
Температурите во Санбао, во провинцијата Ксинџијанг, достигнаа 52,2 °C, што е за 1,7 °C повисоки од претходниот рекорд. Треба да се напомене дека пред само шест месеци беше соборен рекордот за најниска измерена температура досега: -53. Во јануари Националниот метеоролошки центар на Кина потврди дека претходниот рекорд (-52,3 степени) е соборен во Мохе, во северна Кина.
Денеска навечер силната тропска бура „Талим“ се очекува да го погоди јужниот брег на Кина од Гуангдонг до Хаинан.
Јужните кинески провинции ги откажуваат летовите, го прекинуваат поморскиот сообраќај и ги предупредуваат жителите да останат дома.
Поради „Талим“ е издаден портокалов метео аларм.
„Талим“ е четвртиот тајфун оваа година, но прв кој би требало да стигне до Кина.
Кинеската метеоролошка служба издаде неколку предупредувања, предвидувајќи температури кои би можеле да достигнат до 45 степени во полупустинскиот регион Ксинџијанг и 39 во јужниот регион Гуангкси.
(Фото: АФП)







