Чангпенг Жао, извршниот директор на криптоменувачницата „Бинанс“ (Binance), се приклучи на групата најголеми милијардери во светот, со проценета нето вредност од најмалку 96 милијарди долари, пишува Си-Ен-Ен.
Подемот на овој кинеско-канадски претприемач го симболизира брзото акумулирање на богатство во светот на дигиталните валути.
Портпаролот на „Бинанс“ изјави за Си-Ен-Ен дека „Жао има намера да донира поголем дел од своето богатство, дури 99%, исто како и другите претприемачи“.
Милијардерот во понеделникот на Твитер објави дека е важно да им се помага на другите, а не да се размислува за рангирањето во финансискиот свет.
„Не грижете се за рангирањето. Фокусирајте се на тоа на колку луѓе можете да им помогнете. Непопуларно мислење: наместо скала за богатство, треба да има скала на донатори“, напиша Жао.
Жао го покрена „Бинанс“ во 2017 година, а компанијата наскоро стана една од најголемите светски криптоменувачници. Пораснал во имигрантско семејство во Канада, а како средношколец и студент работел во „Мекдоналдс“ за да го издржува своето семејство.
После студиите за информатика на Универзитетот „Мекгил“, работел на софтвер за тргување за токиската берза и за Блумберг.
„Играјќи ‘покер’ на својот компјутер, во 2013 година, Жао дозна за биткоинот, а потоа одлучи да го посвети својот живот на криптовалутите. Дури и си го продаде станот за да купи биткоини“, велат од „Бинанс“.







