Градоначалникот на Неготино, Тони Делков, денеска се сретна со лозарите кои неколку дена протестираат пред винарската визба „Повардарие“, заради недоисплатените пари за продадено грозје во изминатите неколку години.
„Останувам доследен во заложбите за исполнување на барањата на лозарите, а тоа е исплата на парите за предаденото грозје од претходните реколти, рече тој, нагласувајќи дека останува до крај зедно со лозарите.
Според него, заедно со Владата, прават се што е во нивна моќ конечно лозарите да ги добијат своите пари.
„Пред некој ден бевме во посета на лозарите пред „Повардарие“ заедно со Ленче Николовска, советник за земјоделство на премиерот.
Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски оствари серија средби со структурите од „Повардарие“ и постојано се прават напори да се врши исплата на парите за откупеното грозје, информира Делков.
Тој рече дека досега се исплатени средства од околу 2,3 милиони евра и се настојува останатиот дел од неисплатените средства во најкраток можен рок да легне на сметките на лозарите.







