Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски не дојде во Апелацискиот суд, каде што требаше да се одржи рочиште за враќање на неговиот пасош, по барање на неговите адвокати. Груевски до СЈО доставил покана од унгарскиот премиер Виктор Орбан, според обвинителката Лиле Стефанова.
Таа посочи дека поранешниот премиер во два наврати не дошол додека се водела истрагата, еднаш кога бил во Малта, и вториот пат со оправдување оти има политички активности во Делчево и во Македонска Каменица.
Апелациониот суд денеска пак требаше да расправа за пасошот на Груевски, чиј правен тим се жалеше на одлуката на Кривичниот суд да не му ја врати патната исправа нему и на Сашо Мијалков.
Тие бараа судот да постапи на ист начин како со одземениот пасош на премиерот Зоран Заев, кому судот подоцна му го врати пасошот во случајот „Пуч“.
На Груевски пасошот му беше одземен на 3 јули годинава, со одлука на скопскиот Кривичен суд на барање на СЈО за случајот „Титаник“.
Груевски е обвинет од СЈО во случаите „ТНТ“, „Титаник“ и „Насилство“.