Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на големиот митинг на партијата во Крушево рече дека остануваат уште само неколку дена, и мигот на одлучување од кој ќе зависи по кој пат Македонија ќе тргне.
„Дали ќе продолжи слободниот пад или тој ќе биде сопрен, и ќе почне новата ера. Се приближуваме до 15-ти октомври. Вие добро знаете дека ова не се обични локални избори. Вашата одлука е многу важна, не е само, уште една обична одлука. Ние не гласаме само за нашите градоначалници, за нашите градови туку сите ние заедно ќе одлучиме каква ќе биде Македонија по 15-ти октомври. Вашата одлука е конечна, Вие го имате последниот збор. Ова е Ваш град, наша држава, ваша одлука. Запомнете дека само граѓаните на Македонија, вие одлучувате за заедничката иднина, за иднината на нашите градови и за иднината на нашата држава.
„Ние ја добиваме нашата моќ и сила од Македонија и народот на оваа земја. Нашата сила произлегува од нашата љубов кон нашиот народ и нашата љубов кон нашата земја. Ја сакаме нашата земја, со целиот наш народ, сите градови, сета радост, ентузијазам и возбуда. Нашата љубов е заедничка со нашиот народ. Нашата љубов е заедничка со нашата земја. Ние не сме едни од оние кои бараат гласови, ги добиваат и ги забораваат луѓето уште наредниот ден.
„Ние не сме едни од оние кои ги бараат гласовите на граѓаните, а ја добиваат својата сила од други, кои имаат поддршка од друго место, кои велат подржете за да продолжиме да работиме за други интереси. Ние сме партија на граѓаните на Македонија, и ние сме гаранција за силна Македонија.
Ќе продолжиме, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, да ги исполнуваме нашите ветувања, да работиме, да нудиме проекти и решенија.
„Тие не се способни да го прават тоа. Тие не се способни да даваат решенија и да создаваат проекти. Видете што се случува, тие им велат на луѓето- гласајте за нас. Луѓето секако ќе ги прашаат „Македонија и нашите градови имаат проблеми. Што ќе преземете за тоа?. Кои се вашите проекти, ветувања, визија?“ Што велат тие?
„Ние ветуваме воздух, граѓаните ќе добијат воздух“. Тоа е потценување на народот. Нивниот главен проект е воздух. Благодарение на Бога, поредокот во природата ни обезбедува воздух, а Бог дарува и живот, а тие ветуваат и живот. Две работи кои не зависат од нив, токму тие ги ветуваат. Тоа е потценување. Нема да чуете решенија, нема да чуете идеи за подобар живот. Туку флоскули, апстрактни поими. А за тоа колку ги бива видовме. За 5 месеци создадоа такво помрачување што државата е во слободен пад, рече Груевски.







