По силниот земјотрес кој предизвика вознемиреност и страв не само кај жителите на Пешкопеја во Албанија, каде што беше епицентарот, туку и кај нас во Дебар и Дебарско, каде поради близината силно се почувствува потресот, албански сеизмолог вели дека беспотребно е да се шири паника.
„Нема место за страв поради двата потреса што се почувствуваа синоќа. Последните два дена во областа Клос имаше серија помали потреси и се чини дека синоќешниот од 5,2 степена беше главниот, по што следува смирување на тлото“, изјави Рапо Ормени за „Њуз 24“.
Додава дека ова е сеизмички активно подрачје, но е „зона со земјотреси со помала јачина”.
И покрај апелот дека нема место за паника, жителите од Пешкопеја и околните места, но и жителите на Дебарско, се вознемирени.
„Преплашени сме. Првиот земјотрес силно не стресе, а нешто послаб беше и вториот потрес. Во коски ни е стравот оти веќе сме преживеале вакви нешта. Дај Боже да нема други потреси“, велат неколку дебрани кои заедно со соседите се на првиот кат од зграда.
Според албанскиот министер за одбрана, Нико Пелеши, нема информации за човечки жртви освен за оштетени постари објекти во административната единица Џибер, кај Клос.
Според него, сите структури на цивилната заштита се во фаза на готовност и се во постојан контакт со сите општини во земјата.







