Законот за високо образование кој е испратен до релевантните фактори за дебата се заснова на деконцентрација на моќта на министерот за обрзование и наука во високото образование, деконцентрација на моќта од рацете на ректорите и деконцентрација на моќта од рацете на деканите, изјави министерката за образование и наука Рената Дескоска вечерва во гостување на ТВ 24 Вести.
Нацрт-верзијата на новиот закон е поставена на електронскиот регистар на прописи ЕНЕР за натамошни сугестии и нови предлози. Дескоска е задоволна од одѕивот со предлози на сите засегнати страни – универзитетите, пленумите, синдикатите, во креирањето на новиот закон. Ставовите на работната група формирана во јуни, рече, се поклопувале за многу проблеми во постојниот закон и за тоа како би требало да изгледа новиот.
Но имало и одредени прашања за кои постоеле суштински и дијаметрално спротивставени ставови – еден предлог се базирал на автономија на универзитетот и автономија во рамките на универзитетот, односно деконцентрација на моќта во однос на тоа како се поставени управувачките структури на универзитетот, и предлог кој концентрирал определени функции во одредени личности-претставници на универзитетите.
„Со оглед дека клучните слабости беа, всушност, гушењето на автономијата на универзитетот, концентрацијата на моќта и поврзаноста на универзитетите за политичката власт, овој закон којшто денеска го дебатираме и кој е испратен до релевантните фактори за дебата е закон кој се заснова на деконцентрација на моќта на министерот за обрзование и наука во рамките на високото образование, деконцентрација на моќта од рацете на ректорите и деконцентрација на моќта од рацете на деканите, рече Десксока.







