„Крајно време е Северна Македонија да направи чекор напред на својот европски пат – отворање на заслужените пристапни преговори со ЕУ“, порача денеска министерот Никола Димитров од Давос, каде учествуваше на панелот на тема „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“, кој се одржа во рамки на Светскиот економски форум.
„Донесувањето на долгоочекуваната одлука за време на хрватското претседавање пред Самитот во Загреб е во интерес не само за земјата и регионот, туку и за самата ЕУ и кредибилитетот на европската перспектива“, рече шефот на дипломатијата.
„Стратегиски дијалог за земјите на Западен Балкан“ е една од главните иницијативи на агендата на овогодишниот форум.
Димитров во своето излагање истакна дека во меѓувреме е добредојдена секоја идеја која ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, построги и пофер, посуштински и покредибилни.
Со панелот модерираше Борге Бренде, претседател на Светскиот економски форум, а ко-претседавач беше Мирослав Лајчак, министер за надворешни работи на Словачка. Меѓу учесниците, а во својство на специјални гости, поканети се бугарскиот премиер Бојко Борисов, Сума Чакрабати, претседателот на Европската банка за реконструкција и развој, Кристалина Георгиева, управен директор на ММФ, Андреј Пленковиќ, премиер на Хрватска, Марјан Шарец, премиер на Словенија, Александар Вучиќ, претседател на Србија и Хашим Тачи, претседател на Косово.
Меѓу останатите учесници се и Томас Гремингер, генерален секретар на ОБСЕ, Ан Линде, министерка за наддворешни работи на Шведска, Мевљут Чавушоглу, шеф на турската дипломатија и голем број извршни директори на познати светски и водечки компании.
На маргините на форумот во Давос, Димитров имаше куси средби со премиерите на Република Бугарија и Република Хрватска.
На форумот, кој почна денеска, а завршува в петок, учествуваат вкупно 3.000 бизнисмени, политичари и други функционери од 118 земји.







