Во организација на Министерството за локална самоуправа денеска и вчера во Маврово, претставници на ЗЕЛС, градоначалници, претставници на надлежни министерства и експерти разговараа за процесот на децентрализација и за подобрувањето на функционалноста на општините.
„Заеднички беше заклучокот дека процесот на децентрализација повеќе од една деценија стагнира, за што зборува големата финансиска зависност на локалната самоуправа од централната власт, особено на помалите и на руралните општини и е потребен дополнителен трансвер на средства од буџетот на државата за да можат да се превземат нови надлежности, но исто така беше констатирано дека општините покажуваат низок фискален капацитет и недоволна ангажираност во собирањето на приходите од локалните даноци и такси“, се вели во соопштението од Министерството за локална самоуправа.
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски истакна дека на ваков начин продолжуца дијалогот меѓу централната и локалната власт за промените кои што се неопходни.
„Едно од најважните прашања е дали надлежностите што сега се утврдени во Законот за локална самоуправа општините ги остваруваат во полн капацитет, кои се тие надлежности за кои што има потреба и услови да бидат дополнително пренесени и како сегашниот систем на финансирање да биде редизајниран на начин кој што нема да создава дополнителен финансиски и развоен јаз меѓу општините“, рече Милевски.
Претседателот на ЗЕЛС Петре Шилегов истакна дека се нужни промени во надлежностите и во начинот на финансирање на општините затоа што, како што рече, во спротивно проблемите ќе треба да се решаваат со нова територијална организација.
Тој истакна и дека ЗЕЛС се залага за зголемување на приходите од данокот на додадена вредност и од персоналниот данок, средства од игрите на среќа, пренесување на нови надлежности и установи во областа на превентивнта здравствена заштита, социјалната заштита, во областа на културата, управувањето со земјоделското земјиште, комунални редари со поголеми овластувања, издавање на документи од матичната евиденција, подобрување на функциите на противпожарната заштита, како и надминување на преклопувањето на надлежности меѓу градот Скопје и општините во градот Скопје.
Дијалогот меѓу централната и локалната власт го поздрави и заменичката на постојаната претставничка на УНДП, Сања Бојаниќ.
На форумот се разговараше и за механизмите и капацитетите на општините за граѓанско учество и развој на локалната демократија, како и за статусот и за начините на подобрување на функционалнаста на месната самоуправа.







