Американската компанија Рапапорт груп денес на аукција во Њујорк продаде дијамант од 709 карати пронајден во Африка, во државата Сиера Леоне. Тој е 14-ти по големина досега најден, соопштија официјални лица од компанијата.
Вредноста на дијамантот наречен „дијамант на мирот“ достигна 6,5 милиони долари.
Од компанијата наведуваат дека 59 проценти од парите добиени од продажбата ќе одат за владата на западноафриканската држава, додека 26 отсто ќе им бидат исплатени на копачите кои го пронашле и додаваат дека со неговата продажба ќе биде „обезбедена клучната животна инфраструктура во областа каде што дијамантот е пронајден“.
Откритието на дијамантот во март годинава беше сензација.







