Денеска Собранието на Република Македонија го донесе законот со кој се укинува плаќањето на радиодифузната такса.
Измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беа донесени по скратена постапка.
Со законот се предвидува приходот, што досега го добиваше МРТ преку собирање на оваа давачка, да се финансира од државниот Буџет и тоа во износ од 0,5 проценти од вредноста на Буџетот на годишно ниво.
За таа цел потребно е да се одвојат 885 милиони денари на годишно ниво од Буџетот на Република Македонија за 2018 година.
Покрај од Буџетот, МРТ ќе се финансира и од други средства, односно од приходи на кабелските оператори и од приходи остварени со продажбата на програма произведена во МРТ.
Пратеникот Томислав Тунтев, кој е еден од предлагачите на законот, истакна дека со ваквото законско решение ќе се ослободат граѓаните од една непотребна давачка, а од друга страна ќе се зголеми ефикасноста во работата на МРТВ.
„Не секогаш беа собирани сите средства. Сведоци бевме на финансиска дупка од пред две години на МРТВ. Ова е начинот кој ние го предлагаме за да ги ослободимје граѓаните од една неприродна давачка и да се зголеми ефикасноста во работата и функционирањето на јавниот радиодифузен сервис, рече Тунтев.







