Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, околу 14.30 часот по средноевропско време слета во Австралија, каде што го дочека толпа поддржувачи, откако ја призна вината за кршење на американскиот закон за шпионажа и беше ослободен по 14-годишна правна битка.
Асанж нешто после 19.30 часот по локално време излезе од приватниот авион на аеродромот во Канбера, каде ги поздрави медиумите и поддржувачите, а потоа ја бакна сопругата Стела.
Австралискиот премиер, Ентони Албанесе, кој со години се залага за ослободување на Асанж, рече дека разговарал со него по телефон по слетувањето на авионот.
„Имав многу топол разговор со него оваа вечер, беше дарежлив во пофалбите за напорите на австралиската влада“, рече Албанезе на прес-конференција.
„Австралиската влада се бори за австралиските граѓани, тоа е она што го правиме“, потенцираше премиерот.
Доаѓањето на Асанж го означува крајот на сагата во која тој помина повеќе од пет години во британски затвор и седум години во азил во амбасадата на Еквадор во Лондон, од каде што ја оспоруваше екстрадицијата во Шведска поради наводите за сексуален напад и екстрадиција во САД, каде му се закануваа 18 кривични пријави.
Обвиненијата произлегуваат од 2010 година, кога Викиликс објави стотици илјади доверливи американски воени документи за војните на Вашингтон во Авганистан и Ирак, што претставува едно од најголемите протекувања на доверливи информации во американската историја.
За време на тричасовното сослушување, одржано претходно на американска територија, во Саипан, Асанж ја призна вината за една точка од обвинението, односно за здружување за добивање и откривање доверливи документи за национална одбрана на САД, но рече дека верувал дека првиот амандман од Уставот на САД, кој ја гарантира слободата на говорот, ги штител неговите постапки.
Тој го прегрна својот татко пред да влезе во зградата на терминалот со неговиот адвокатски тим.
„Работејќи како новинар, го охрабрив мојот извор да ми достави информации за кои се велеше дека се доверливи за да ги објавам. Верував дека првиот амандман ја штити таа активност, но прифаќам дека тоа беше кршење на статутот за шпионажа“, рече тој пред судот.
Окружната судијка Рамона В. Манглона го прифати неговото признание за вина, истакнувајќи дека американската влада укажала на тоа дека нема жртви од постапките на Асанж и го ослободи врз основа на времето што веќе го поминал во британски затвор.
Додека американската влада го смета Асанж за безобзирен и непромислен затоа што ги загрозил нивните агенти со објавувањето на нивните имиња, неговите поддржувачи го поздравуваат како херој за промовирање на слободата на говорот и разоткривање на воени злосторства.

„Силно веруваме дека господинот Асанж никогаш не требаше да биде обвинет според Законот за шпионажа поради задачите што новинарите ги извршуваат секој ден“, им рече на новинарите пред судницата американски адвокат Бери Полак и напомена дека работата на Викиликс ќе продолжи.
Британската и австралиската адвокатка на Асанж, Џенифер Робинсон, се заблагодари на австралиската влада што обезбедила ослободување на Асанж.
Неговиот татко Џон Шиптон изјави за Ројтерс дека му олеснало.
„За Џулијан да може да се врати во Австралија и редовно да се гледа со своето семејство и да ги прави нормалните работи во животот, е благослов. Убавината на обичното е суштината на животот“, рече Шиптон во Канбера, каде го чекаше својот син.
Асанж се согласи да ја признае вината за само една точка од обвинението, според судските документи од Окружниот суд за Северномаријанските острови.
Американската територија во западниот Пацифик е избрана поради противењето на Асанж да оди на континенталниот дел на САД поради близината на територијата со Австралија, соопштија обвинителите.
Политичарите во Австралија кои се залагаа за негово ослободување изразија загриженост за признавањето на вината на американско тло, велејќи дека Асанж е новинар кој бил осуден затоа што ја вршел својата работа.
„Тоа е навистина алармантен преседан. Тоа е нешто што би го очекувале во авторитарна или тоталитарна земја“, рече Ендрју Вилкиај, независен пратеник и предводник на парламентарната група која се залагаше за Асанж.
Асанж помина повеќе од пет години во објект кој судијата Манглона го нарече еден од најстрогите затвори во Велика Британија и седум години во еквадорската амбасада во Лондон додека се бореше против екстрадиција.
Додека беше во амбасадата, тој доби два сина со Стела, адвокатка која беше дел од неговиот правен тим.
Џулијан и Стела се венчаа во 2022 година во затворот Белмарск во Лондон.
(Фото: Дејвид Греј и Вилијам Вест / АФП)







