Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, денес рече дека ги разгледува сите можности за да ја држи „омикрон“ варијантата на корона вирусот под контрола, затоа што состојбата во земјата е исклучително тешка, истакнувајќи дека како резултат на тоа се потребни нови мерки.
„Морам да и кажам на британската јавност, и тоа го порачувам на сите, дека нема да ја исклучиме можноста да воведеме нови мерки за да го заштитиме народот“, изјави Џонсон после состанокот со членовите на Владата.
Тој, исто така, истакна дека состојбата во земјата е „исклучително тешка“, како и дека бројот на хоспитализирани луѓе заразени со корона вирус во Лондон нагло расте.
Одговарајќи на прашањето за шпекулациите дека Владата ќе донесе мерки кои ќе го забранат дружењето во затворен простор и ќе го ограничи туризмот, Џонсон рече:
„Можам да кажам дека ги разгледуваме сите можности за да го држиме ‘омикрон’ под контрола, така што, во овој момент, ништо не исклучуваме“.
(Фото: АП)







