Европската комисија и шведското претседателство со ЕУ на 20 март во Брисел ќе бидат домаќини на Меѓународната донаторска конференција за поддршка на погодените од разорниот земјотрес во Турција и Сирија на почетокот на февруари.
Како што соопшти денеска Комисијата, Европската унија и нејзините членки имаат намера да ветат значителна помош за закрепнување и обнова во Турција и Сирија.
„ЕУ ги повикува меѓународните партнери и светските донатори да покажат солидарност со луѓето што се најдоа во тешки околности во Турција и Сирија и да ветат помош во согласност со обемот на штетата“, соопшти ЕК.
Кодомаќини на конференцијата, која се организира во координација со турските власти, ќе бидат претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, и шведскиот премиер, Улф Кристерсон.
Конференцијата ќе биде отворена за членките на ЕУ, за кандидатите и потенцијални кандидати за членство, за соседите и партнерите на Унијата, за членките на Групата 20 без Русија, за Обединетите нации, меѓународни организации, за меѓународни и европски финансиски институции…
Фон дер Лајен рече дека Европската унија, како што ветила, ќе продолжи да покажува солидарност со Турција и Сирија на долг рок.
Кристерсон, пак, истакна дека Шведска, како претседавач со Унијата, ќе направи се што може, заедно со своите партнери, да им помогне на погодените од земјотресот во следната фаза на обновата и закрепнувањето.
Подготовките за Меѓународната донаторска конференција се во тек по првите разговори меѓу европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеји, шведскиот министер за меѓународна развојна соработка, Јохан Форсел, и турските власти, за време на неодамнешната посета на европските претставници на Анкара.
После разорниот земјотрес што на 6 февруари ги погоди Турција и Сирија, ЕУ веднаш преку својот механизам за цивилна заштита испрати помош во форма на спасувачки и медицински тимови, засолништа и лекови.
Вкупно, ЕУ на Турција и испрати хуманитарна помош за итни потреби во вредност од речиси 12 милиони евра, а за Сирија околу десет милиони.