Европскиот парламент денеска се состанува во Стразбур. На сесијата е планирано да се потврди отворањето на разговорите меѓу Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ за финализирање на текстот за олеснување на визниот режим за државјани од Катар и Кувајт.
Но, дел од европратениците од редовите на зелените и социјалдемократите најавуваат дека ќе се спротистават на почетокот на преговорите за визна либерализација за Катарците во ЕУ, откако Европскиот парламент изрази сомнеж дека во корупцискиот скандал вмешан е Катар.
Овој текст, кој веќе доби зелено светло од земјите-членки на крајот на јуни, предвидува ослободување од визите за државјаните на Катар и Кувајт кои патуваат во европскиот блок за максимален период од 90 дена, што е предмет на договор за реципроцитет со овие две земји.
Антикорупциската операција спроведена во петокот од страна на белгиската полиција сега ја нарушува агендата.
Известувачот за текстот, германскиот европратеник од Зелените, Ерик Маркарт, најави дека ќе се спротивстави на започнувањето на разговорите. Потоа следеше неговата политичка групација.
„Нулта толеранција за корупција. Зелените ќе се спротивстават на мандатот за почеток на преговори за визна либерализација со Катар во понеделник”, објави копретседавачот на Зелените во Европскиот парламент, Тери Рајнтке на Твитер.
Поради корупцискиот скандал кој го тресе Европскиот парламент во петокот уапсени беа неколку високи поранешни и сегашни функционери, меѓу кои и грчката социјалистка Ева Каили.







