Премиерот на Албанија, Еди Рама, отвори нов граничен премин меѓу Албанија и Црна Гора во друштво на црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ и потпретседателот на владата на Црна Гора, Дритон Абазовиќ.
Рама во оваа пригода ја повика Црна Гора да се вклучи во иницијативата „Отворен Балкан“ без губење на време.
„Сакам да се заблагодарам на црногорската страна на оваа инвестиција затоа што долго вложувавме и сега ова е втора царинска точка која не спојува и не треба да не раздвојува. Исто така сакам со премиерот Кривокапиќ и со Абазовиќ да направиме напредок и Црна Гора да биде вклучена во иницијативата „Отворен Балкан“, рече Еди Рама.
Тој додаде дека „Отворен Балкан“ е сеопфатна иницијатива која цели на сите земји во регионот. Според неговите зборови, тоа не е нов изум, туку е едноставно процес во Берлин за да се чувствуваат луѓето од Западен Балкан слободни.
„Иницијативата не е исклучителна и би требало да ги вклучи и Црна Гора, Косово и Босна. Не мора да се измислува ништо ново, за регионот да ги почитува четирите слободи“, изјави албанскиот премиер.