Австриската економија влезе во третиот квартал во рецесија главно поради намалената потрошувачка на домаќинствата и државата, се вели во проценката на економскиот институт ВИФО (WIFO).
Бруто домашниот производ во периодот од јули до септември е намален за 0,6 отсто во однос на претходните три месеци кога падна за 0,8 отсто, пресмета институтот.
Падот на БДП-то два последователни квартали означува рецесија.
Потрошувачката на домаќинствата падна во третото тримесечје за 1,0 отсто, тројно посилно отколку во периодот од април до јуни, откри ВИФО.
Намалена е и државната потрошувачка, за 1,3 отсто, со што се промени трендот од претходните три месеци кога таа беше зголемена за 1,5 отсто. Падот на бруто инвестициите во фиксниот капитал е, пак, многу поблаг и изнесува 0,4 отсто.
Во периодот од април до јуни, според пресметките во студијата на ВИФО, инвестициите се намалени за 2,4 отсто.
Извозот е зголемен за 2,4 отсто, додека во пролетниот квартал е забележан ист процентен пад.
Зголемен е и увозот, за 2,5 отсто, после падот од 1,0 отсто во претходните три месеци. На годишно ниво, БДП-то падна за 1,2 отсто, речиси со исто темпо како и во трите месеци од април до јуни.
Заводот за статистика одделно извести дека производните цени во септември паднале на годишна основа трет месец по ред, и тоа за 3,8 отсто.
Во август се намалиле за 2,4 отсто, а во јули за 1,3 отсто.
Месечната споредба покажува мало забрзување на растот на цените на производителите, од 0,3 отсто во август на 0,4 отсто во септември.
(Фото: Унслпаш.ком)







